Top Sport

Дончиќ не можеше сам против Феникс, Филаделфија повторно почувствува „жештина“

Кошаркарите на Феникс Санс го совладаа Далас Маверикс со 129:109 и поведоа со 2:0 во серијата од второто коло од плеј-офот во НБА лигата. На Далас Маверикс не им помогна ниту одличното издание на Лука Дончиќ, со 35 поени, седум асистенции и пет скока, бидејќи останатите членови од стартната петорка постигнаа само 31 поен.

Од друга страна, Феникс Санс беше предводен од одличниот бековски тандем Букер – Пол. Тие заедно уфрија 58 поени.

Девин Букер постигна 30 поени, со четоро скока и четири асистенции, додека Крис Пол додаде 28 поени, со осум скока и шест украдени топки.

Мајами Хит исто така дојде до предост од 2:0 во серијата против Филаделфија, откако славеше со 119:103. До втората победа на домашен паркет, „жешките“ ги предводеа Бем Адебајо со 23 поени и девет скока и Џими Батлер со 22 поени, 12 асистенции, шест скока и две украдени топки.

Адебајо и Батлер имаа голема поддршка од клупата од Виктор Оладипо и најдобриот „шести играч“ во лигата, Тајлер Хиро. Оладипо постигна 19 поени со шест скока, а Хиро 18 поени и седум скока. Двајцата погодија по три „тројки“ на овој дуел.

Филаделфија повторно беше без својот најдобар играч, кандидатот за МВП, Џоел Ембид, а ја предводеше Тајриз Мекси со 34 поени, поддржан од Тобијас Харис со 21 поен и Џејмс Харден со 20 поени и девет асистенции.

Сепак, остатокот од тимот, останатите десет кошаркари постигнаа вкупно 28 поени.

Scroll to Top