Top Sport

Драма во шпанскиот Куп, Барса го освои трофејот

Кошаркарите на Барселона 24.пат во историјата ја освоија Купот на Кралот, откако во финалето го совладаа најголемиот ривал Реал Мадрид 92:90 (15:21, 25:13, 27:18, 25:38).

Во натпревар со многу осцилации на двете страни, Барселона решавачката предност ја стекна во финишот на втората и почетокот на третата четвртина, во 32.минута Каталонците имаа 17 поени предност (71:54).

Сепак Реал во последниот период одигра неверојатен пресинг, бековите на Барселона Рибас и Ертел лошо ја организираа играта, Керол и Томпсон влегоа во шутерска серија и на крајот „кралскиот клуб“ дури го имаше и последниот напад за победа.

На тој напад му претходеа двете слободни фрлања кои ги промаши Ориола.

Барселона успеа да го освои првиот трофеј во Купот по пауза од шест години. Инаку Барса го освои завршниот турнир откако на тренерската позиција Светислав Пешиќ го замени Сити Алонсо пред само една недела.

Пешиќ со Барселона има две титули во шпанското првенство и една во Лигата на шампионите.

Најефикасни во неговиот тим беа Рибас со 21 поен, но и 7 загубени топки, Томиќ постигна 17, а Сандерс и Ханга по 12. Реал го предводеа Керол со 18 и Томпкинс со 17 поени.

Scroll to Top