Top Sport

Дурент ги уништи Кавалирс, ГСВ на чекор до нова титула (Видео)

Кошаркарите на Голден стејт Вориорс се на чекор до одбрана на титулата во НБА лигата, откако славеа и во третиот меч од серијата против Кливленд Кавалирс. Вориорс, како гости, славеа во Охајо со 110:102. Меч-винер беше Кевин Дурент кој постигна 43 поени.

Голден Стејт со својот најдобар дефанзивец Андре Игудала пристигна на натпреварот во Кливленд. Игудала поради повреда не играше на првите два натпревари, а ја пропушти и серијата против Хјустон.

Иако Игудала играше, Кливленд во првиот дел без многу проблеми ја решаваа одбраната на Голден стејт. Кавалирс ја наметнаа својата игра, водеа во првиот период, но Вориорс со тројките на Кари и Томпсон по 12 минути игра имаа само поен негатива.

Кливлемд повторно се одвои од противникот во вториот дел со серија 6:0, а на четири минути до полувремето домашните кошаркари имаа предност од 13 поени. Меѓутоа Дурент постигна тројка во последната секунда од вториот период и намали на 58:52.

Третата четвртина гостите ја отворија со серија 3:13, стекнаа предност од пет поени и од тој момент па до самиот крај започна резултатската нишалка.

На три минути до крајот Кари, кој имаше ужасна шутерска вечер, погоди најпрвин за два, а потоа и за три, а мечот го реши Дурент со тројка на 50 секунди до крајот, кога Вориорс стекнаа 100:106.

foto: epa

Дурент блескаше кај Вориорс со 43 поени и 13 скока, Кари постигна 11, а Грин, Мекги, Томпсон и Бел уфрлија по 10 поени.

Кај Кливленд Леброн Џејмс имаше учинок од 33 поени, 10 скока и 11 асистенции, а Кевин Лав постигна 20 поени.

Леброн го запиша својот десетти трипл-дабл во финалните серии. Тој е убедливо прв во оваа статистичка категорија.

Четвртиот натпревар ќе се одигра в сабота, во три часот според средно-европско време. Домаќин повторно ќе биде Кливленд.

Scroll to Top