Голден стејт Вориорс, поради низа на несреќни околности (повреди на клучните играчи), останаа без титулата во НБА-лигата, но челниците немаат намера да се откажат од оваа династија.
Вориорс имаат намера да им понудат максимални договори на играчите кои во серијата против Торонто Репторс се здобија со тешки повреди. Кевин Дурент доживеа една од најтешките повреди во спортот, раптура на Ахиловата тетива, додека Клеј Томпсон ги скина предните вкрстени лигаменти во десното колено.
Аналитичарите во САД сметаат дека ваков потег на Вориорс носи премногу ризик, но се согласуваат дека досега франшизата секогаш носела вистински одлуки.
Голден стејт наредната сезона ќе биде на големи маки да избори пласман во плеј-офот, поради повредите на клучните играчи. Според медиумите во најдобар случај Дурент ќе паузира девет, а Томпсон шест месеци.
Двајцата кошаркари, иако се шпекулираше дека по завршувањето на сезоната ќе бараат други тимови, се договориле да останат во Голден стејт. Откако Ворирос останаа без титулата Томпсон и Дурент имале телефонски разговор, наводно се договориле да останат во клубот.
„Ги слушнав телефонскиот разговор. Се охрабруваа еден со друг. Велеа дека ќе се вратат дека имаат незавршена работа“, изјавил за ЕСПН, таткото на Клеј Томпсон, Мајк.