Американскиот кошаркар Двајт Хауард е нов играч на тајванскиот тим Таојуан Леопардс, потврди тимот на социјалните мрежи. Овој 36-годишен кошаркар првпат по 2004 година ја напушта НБА.
Хауард дојде во НБА веднаш по средното училиште и беше избран за прв пик на НБА драфтот, а во последните 18 години имаше импресивна НБА кариера. Играше за Орландо Меџик, ЛА Лејкерс (три пати), Хјустон, Атланта, Шарлот, Вашингтон и Филаделфија.
Беше НБА шампион, со ЛА Лејкерс во 2020 година, во „меурот“ во Орландо. Тој е осумкратен Ол-стар, петкратен член на идеалната петорка, трипати најдобар дефанзивец во лигата, пет пати најдобар скокач, два пати најдобар блокер во НБА.
Во 2008 година со репрезентацијата на САД го освои златниот медал на Олимписките игри во Пекинг.
Таојуан Леопардс постојат од 2021 година, а покрај Хауард во моментов имаат уште двајца Американци со НБА искуство, Дежомте Дејвис и Трој Вилијамс.