Емил Рајковиќ, кој работи во Касахстан, во кошаркарскиот клуб Астана, го доби признанието за тренер на сезоната во ВТБ лигата. Во оваа лига се натпреваруваат екипи од Русија, Белорусија, Естонија, Казахстан, Латвија и Полска.
Астана со Рајковиќ на кормилото на тимот има исклучително успешна сезона. ВТБ лигата, Астана ја заврши на шестото место на табелата со 15 победи и 11 порази. Пред екипата на Рајковиќ беа само руските тимови ЦСКА, УНИКС, Химки, Локомотив и Зенит.
Во плеј-офот Астана испадна во четврт-финалето од Химки, екипа која оваа сезона играше во Евролигата.
Исто така Астана веќе ја освои титулата во Купот на Казахстан, а играчите на македонскиот тренер се најголеми фаворити за титулата во националниот шампионат.
Рајковиќ во кариерата бил тренер на Фени индустри, Работнички, Сласк Вроцлав, МЗТ Скопје и Стал Остров.