Top Sport

Евролигата со итно соопштение по „инвазијата“ на навивачите на Олимпијакос

Олимпијакос со синоќешната победа над Монако во Пиреја го комплетираше списокот на учесници на фајнанфор турнирот на Евролигата што од 19 до 21 мај ќе се одржи во Белград.

„Црвено-белите“ го добија петтиот, решавачки натпревар од четвртфиналната серија со резултат 94:88, но пред да заврши натпреварот, навивачите влетаа на паркетот славејќи за пласманот на својот тим меѓу четирите најдобри екипи во Евролигата.

Беа запалени факели, настана мешаница, па набргу по завршувањето на натпреварот, Евролигата излезе и со официјално соопштение во кое најостро се осудува инвазијата на навивачите на теренот, критикувајќи ја работата на безбедносните органи во салата.

„Кошаркарската Евролига најостро ги осудува постапките што се случија во последните минути од петтиот натпревар од плејофот на Евролигата меѓу Олимпијакос и Монако.

Необезбедувањето за време на натпреварот доведе до инвазија на навивачите на теренот додека натпреварот беше во тек, при што судиската тројка беше принудена да ја прекине играта додека не се воспостават минималните безбедносни услови. Други сериозни безбедносни нарушувања, вклучително и употреба на ракети, ласери и петарди, исто така беа забележани од Евролигата. Надлежните органи внимателно ќе ги разгледаат сите докази и ќе ги преземат сите соодветни мерки.

Евролигата сака да нагласи дека горенаведените инциденти не ги претставуваат вредностите за кои се залага оваа организација, особено оние кои уживаат во евролигашкото искуство во безбедно и пријателско опкружување“, се вели во соопштението.

Scroll to Top