Фенербахче, Валенсија и ЦСКА Москва забележаа сигурни победи во последните натпревари од третото коло во Евролигата.
Дербито на колото се одигра во Истанбул, европскиот првак Фенербахче со добрата игра во третата четвртина го победи Анадолу Ефес 81:79 (15:20, 19:14, 28:18, 19:18).
Домашниот тим имаше петмина со двоцифрен кошгетерски учинок во своите редови: Јан Весели (15 поени), Бред Вонамејкер (11 поени, 7 асистенции), Луиџи Датоме (12 поени), Џејмс Нанели (11 поени), Марко Гудуриќ (10 поени).
Ефес го предводеше Крунослав Симон со 20 поени, 5 скока, 4 асистенции, Брајан Данстон постигна 14 поени, а Владимир Штимац заврши со 12 поени, 5 скока и 2 асистенции.
ЦСКА забележа лесен триумф над Панатинаикос. Рускиот тим победи 81:63 (27:15, 16:18, 17:18, 21:12).
Победникот го предводеше Чачо Родригез со 25 поени и 9 скокови, а одличен учинок имаше и Кајл Хајнс (21 поен, 4 скока, 4 украдени топки). На спротивната страна само двајца имаа двоцифрен број на поени во конечната статистика: Кеј-Си Риверс (17) и Крис Синглтон (10).
Дуелот го обележа неспортското однесување на Нандо Де Коло и Џејмс Гист. Де Коло (не)намерно го удри Гист, кој потоа одби да се ракува со противникот, а откако ја прегледаа снимката судиите ги исклучија двајцата играчи.
Во шпанската пресметка Басконија доживеа убедлив пораз од Валенсија 63:80 (13:28, 26:22, 15:17, 9:13). Кошаркарите на актуелниот првак на Шпанија победата ја најавија во првата четвртина, по која стекнаа предност од 15 поени.
Ерик Грин и Тибор Плајс постигнаа по 15 поени, а германскиот центар имаше и 7 скока. На спортивната страна единствен кој му се спротивставуваше на противникот беше Торнике Шенгелија (22 оени, 11 скока, 2 асистенции, 3 украдени топки).