Top Sport

Фенербахче ќе ја брани титулата од Евролигата

Иако потешко од очекувањата, Фенербахче со 76:67 го совлада Жалгирис за да се пласира во финалето на Евролигата по првото полуфинале во Белград.

Актуелниот шампион на Европа, под водство на српскиот тренер Жељко Обрадовиќ ја прекина сезоната од соништата на тимот на Шарунас Јасикевичус, откако Жалгирис во поголемиот дел од мечот се „држеше“ добро.

Фенербахче, со огромна поддршка од трибините, започна одлично и ја доби првата четвртина со 19:13, за да биде уште подобар во втората четвртина и да има предност од 12 поени, пред литванскиот клуб да се врати на 39:33 на полувремето.

Дека Жалгирис не е случајно на Фајнал фор покажа во третата четвртина, за да дојде на само два поени разлика (52:50), но под водство на Боби Диксон и неговите 10 поени, турскиот клуб славеше победа за второ финале во низа.

Диксон, или Мухамед Али имаше 19 поени, а Луиџи Датоне 16, додека кај Жалгирис, Кевин Пангос имаше 16 поени.

Во второто полуфинале, со почеток во 21 часот, играат Реал Мадрид и ЦСКА Москва.

Scroll to Top