По завршувањето на првата фаза на Светското првенство во кошарка, ФИБА излезе со нова прогноза околу фаворитте за златниот медал. Според овие прогнози први фаворити на турнирот и понатаму се Србите.
Во образложението се наведува дека екипата на селекторот Александар Ѓорѓевиќ не знае за пораз од февруари оваа година.
„Србија на ова место ќе биде се додека победува и додека Богдан Богдановиќ ги погодува шутевите за три поени“, пишува во образложението на ФИБА.
На втората позиција се проби Австралија и тоа најмногу поради Џо Инглс кој во просек бележи по 8,7 асистенции по натпревар. Против Сенегал му фалеше една асистенција за трипл-дабл (17 поени, 10 скока, 9 асистенции).
„Кенгурите“ вчера со победата над Литванија обезбедија пласман во втората фаза со три победи и што е важно за нив веќе се пласираа на Олимписките игри во Токио наредната година.
Австралијците на второто место ја минаа репрезентацијата на САД. Американците имаат проблеми на овој турнир, а дека се далеку од доминантен тим покажа и мечот со Турција кога среќно стигнаа до победата.
Зад овие три репрезентации следуваат Франција, Шпанија, Бразил, Аргентина, Литванија, Грција и Италија.