Top Sport

Фокс за историја, Сакраменто повторно е во мода (Видео)

Сакраменто Кингс се најпријатното изненадување од почетокот на сезоната во НБА лигата. Франшизата која во ерата на Вебер, Дивац, Стојаковиќ, Биби и тренерот Аделман играше најубава кошарка повторно го привлекува вниманието на американската јавност.

Кингс, изминатата ноќ, убедливо славеа над Атланта Хоукс 146:115, а мечот го обележа младиот плејмејкер Диерон Фокс, кој заедно со Бади Хилд и српскиот репрезентативец Немања Бјелица, блеска од почетокот на сезоната.

Фокс против Атланта го забележа првиот трипл-дабл во кариерата. 20-годишниот плејмејкер за 33 минути на теренот имал учинок од 31 поен, 10 скока и 15 асистенции. Фокс стана најмладиот играч во историјата кој на натпревар забележал најмалку 30 поени, 10 скока и 15 асистенции. Претходниот рекорд му припаѓал на Леброн Џејмс, кој на 20-годишна возраст остварил трипл-дабл од 30 поени и по 10 скока и асистенции.

Бади Хилд одигра уште еден брилијантен меч (27 поени, шет скока, шест асистенции), а Бјелица за 21 минута успеал да постигне 19 поени (7/11 шут од игра).

Кингс со шест победи и три порази се наоѓаат на петтото место во Западната конференција.

Резултати:

Филаделфија ’76-ЛА Клиперс 122:113
Кливленд Кавалирс-Денвер Нагетс 91:110
Шарлот Хорнетс-Оклахома Тандер 107:111
Бостон Селтикс-Милвоки Бакс 117:113
Портланд Блејзерс-Њу Орлеанс Пеликанс 132:119

Scroll to Top