Франција ќе се бори за еден од медалите на Светското првенство во Кина. Французите во првото денешно четврт-финале ги елиминираа бранителите на титулата САД со 89:79 (18:18, 27:21, 18:27, 26:13). Покрај пласманот во полу-финалето Французите обезбедија и виза за Олимписките игри во Токио.
Французите ги добија Американците со тимска игра во која се издвоија Руди Гобер и Еван Фурние, иако во самиот финиш значајна улога имаше Нтиликина. На спрoтивната страна Донован Мичел не доби поддршка од соиграчите, а кога се умори падна и играта на Американците.
Првиот дел беше речиси израмнет, а им припадна на Французите кои добро финишираа во овој дел од мечот. Добар почеток Французите имаа и во вториот дел, три пати имаа двоцифрена предност, кога на сцена стапи Мичел. бекот на Јута Џез беше најзаслужен за предноста од пет поени со која Американците влегоа во решавачкиот период.
Во овој период играта на Америка целосно се распадна, иако на четири минут до крајот беа во егал со Франција. Во тиа моменти Нтиликина врза пет поени, Гобер го заклучи рекетот со што на Франција и се отвори патот кон полу-финалето.
Центарот на Јута Гобер одигра брилијантен меч со 22 поени, 19 скока и 3 блокади. Двоцифрени кај Франција беа уште Нтиликина со 11, Де Коло со 18 и Фурние со 21 поен.
Најдобар Американец беше Мичел со 29 поени, 6 скока и 4 асистенции.
Франција во полу-финалето ќе игра против Аргентина, додека Американците против Србија ќе разгруваат за пласман од 5 до 8 место.