Поранешниот НБА-кошаркар, Ален Ајверсон во понеделникот наутро останал без накит вреден 500.000 долари. Од лобито во хотелот „Софител“ во центарот на Филаделфија, крадец му го украл ранецот во кој бил накитот.
Американските медиуми пренесоа дека надзорните камери го снимиле момчето како го зема ранецот од масата. Во хотелот ранецот го донел пријател на Ајверсон.
Осомничениот за кражбата, кого полицијата го опиша како „слаб 20-годишник со црвена кошула, темна јакна и црно-бели патики“ по само еден ден одлучил да и се предаде на полицијата. Најверојатно дознал чиј бил ранецот.
Се работи за извесен Кристофер Данијел (21) кој и го предал украдениот ранец на полицијата.
Ајверсон, кој во својата НБА кариера настапуваше за Филаделфија, Денвер, Детроит, Мемфис и турски Бешикташ е член на Куќата на славните во Спрингфилд, од 2016 година. Кариерата ја заврши во 2011 година. Бекот беше прогласен за МВП на лигата во 2001 година, а дури 11 пати беше дел од Ол-стар викендите.