Top Sport

Големо засилување кај Блејзерси: Лилард се врати дома!

Демиан Лилард, еден од најпрепознатливите бекови во НБА лигата, официјално се врати во Портланд Трејл Блејзерс.

Клубот од Орегон потврди дека потпишал тригодишен договор со 34-годишната суперѕвезда, кој според достапните информации ќе заработи 42 милиони долари.

Враќањето на Лилард доаѓа откако неодамна беше отпуштен од Милвоки Бакс, иако во неговиот договор имаше загарантирани 113 милиони долари за наредните пет сезони. Одлуката на Бакс следеше по сериозната повреда на Ахиловата тетива во првото коло од годинашниот плејоф, поради која ќе ја пропушти целата наредна сезона.

Лилард беше избран како шести пик на НБА драфтот во 2012 токму од Портланд, каде ги помина првите 11 сезони од својата кариера и стана клупска легенда. Во 2023 се пресели во Милвоки, но неговата епизода таму беше краткотрајна.

Во минатата сезона, и покрај здравствените проблеми и само 58 одиграни натпревари, имаше просек од 24,9 поени и 7,1 асистенција. На теренот доминираше и покрај проблемите со тромбоза.

Лилард го одбележа враќањето во Портланд со објава на Инстаграм, каде сподели фотографија од соблекувалната на Трејл Блејзерс и кратко напиша:
„RipCityyyyyyyyyyyyyyyyyyyyyyy!“

Овој повраток има и емоционална димензија – Демиан Лилард е најдобриот стрелец во историјата на Портланд со вкупно 19.376 поени и е единствениот играч во НБА историјата со пет натпревари на кои постигнал 60 или повеќе поени.

Во својата кариера во просек бележи 25,1 поен и 6,7 асистенции. Освен што е меѓу 100-те најдобри НБА кошаркари на сите времиња, Лилард може да се пофали и со златен медал од Олимписките игри во Токио како член на репрезентацијата на САД.

Фото: ЕПА

Scroll to Top