Top Sport

Градоначалникот на Њујорк доби дрес на МЗТ

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изминативе неколку дена учествуваше на светскиот самит, кој се организира во рамките на Мрежата на силните градови, каде што членува и Општина Аеродром. Во рамките на учеството тој на градоначалникот на Њујорк, кој истовремено е домаќин на настанот, му врачи дрес од кошаркарскиот клуб „МЗТ Скопје Аеродром“, извести Општината.

Настанот, кој е финансиран од страна на Европската Унија и Стејт департментот во Њујорк, на едно место ги собра повеќе од 70 градоначалници на општини и градови. Домаќин на настанот беше градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, кој е голем фан на кошарката. По тој повод, од страна на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, му беше врачен дрес од македонскиот кошаркарски шампион, „МЗТ Скопје Аеродром“.

Градоначалникот Тимчо Муцунски во својата објава на „Инстаграм“ истакна дека дресот на „МЗТ Скопје Аеродром“ треба биде поттик за нови победи и симбол за меѓусебната поддршка и соработка.

„Сино-белата боја на македонскиот шампион ќе биде дел од неговата канцеларија и во духот на спортот и спортските успеси на МЗТ, таа нека биде поттик за идни победи и симбол на меѓусебната соработка, поддршка и пријателство“, истакна Муцунски во објавата.

Муцунски упати и апел до навивачите и до љубителите на спортот, в сабота, во СРЦ „Кале“, да дадат поддршка за „МЗТ Скопје Аеродром“ во финалето од Суперкупот.

Scroll to Top