Top Sport

Грнчаров нов извршен директор на МЗТ

Поранешниот капитен и кошаркарот кој прв го крена шампионскиот пехар во историјата на МЗТ Скопје Аеродром, Тони Грнчаров, ќе биде нов извршен директор на клубот.

Процедурата за негово назначување е веќе почната, а набргу тој и официјално ќе ја преземе функцијата на која досега беше Видоја Секулоски.

Грнчаров професионалната кошаркарска кариера ја почна токму во сино-белиот дрес во 1999 година, а пред пет години беше дел од генерацијата што го оствари шампионскиот сон на армијата навивачи на клубот.

Новиот извршен директор исто така беше дел од првиот состав на МЗТ Скопје Аеродром, кој настапи во АБА-лигата во 2012 година.

„За мене никогаш и не постоела друга екипа освен МЗТ Скопје Аеродром. Тоа е судбината на секој аеродромец, бескрајната љубов кон сино-белата боја. Се враќам дома, но сега во поинаква и исклучително одговорна функција. Примарна цел сега ни е опстанок во АБА-лигата, а желбата да се освојат двете домашни круни е нешто што треба да се подразбира за клуб како нашиот. Во иднина ќе посветиме уште поголемо внимание на младинската школа каде што на талентираните ќе им понудиме работа со квалитетни стратези. Македонските играчи и тренери секогаш ќе ни бидат во преден план, како и работата на подолги патеки, без често менување тренери“, изјави за клупската интернет-страница Грнчаров.

МЗТ Скопје Аеродром следниот меч ќе го одигра на 30 ноември како гостин против Фени индустри во рамките на 7. коло од Првата лига, а два дена подоцна ќе ѝ гостува на Цедевита во склоп на 10. коло од АБА-лигата.

фото/mztskopjeaerodrom.mk

Scroll to Top