Top Sport

Гром ги „погоди“ Кавалирс, Хјустон го победи шампионот (Видео)

Две големи дерби пресметки ја обележаа изминатата ноќ во НБА лигата. Едната во која Хјустон го победи Голден Стејт (116:108) ги оправда очекувањата, додека другата во Кливленд мина во знакот на кошаркарите на Оклахома кои ги декласираа противниците со 148:124.

Оклахома во Кливленд го одигра најдобриот меч сезонава. Кошаркарите на Тандер беа во неверојатен напаѓачки ритам, постигнаа речиси 80 поени во првото полувреме, а на крајот заврши со 148 кошеви. Бројката ќе беше и поголема доколку во последните осум минути тренерот на Оклахома не ги повлечеше стартерите на клупа.

Кливленд не примил 148 поени од далечната 1972 година кога Филалделфија постигна толку поени против екипата од Охајо. Оклахома само во првата четвртина постигна 43 поени.

Четворица играчи го декласираа вицепрвакот. Пол Џорџ постигна 36 поени, Кармело Ентони за 28 минути уфрли 29 поени, Расел Вестбрук постигна 23 поени и имаше неверојатни 20 асистенции, а Стивен Адамс заврши со 25 поени.

На спротивната страна се издвои Ајзеа Томас со 24 поени, од кои 12 во третиот период. Леброн Џејмс заврши со 18 поени и ќе почека на наредниот меч за да стане седмиот играч во историјата која ја минал границата од 30.000 поени во кариерата.

Хјустон ги победи актуелните шампиони, Голден Стејт Вориорс 116:108.

Џејмс Харден се врати во тимот по повредата постигна 22 поени и нетипочно за него одигра добра одбрана врз Стеф Кари во еден од клучните напади за Голден Стејт. Диригент во играта на Хјустон беше Крис Пол кој мечот го заврши со 33 поени.

Кевин Дурент беше најефикасен кај Голден Стејт со 26 поени, Дрејмон Грин постигна 21, а Стеф Кари 19 (5-15 за три).

Вориорс и покрај поразот ја предводат лигата со скор 37 победи и 10 порази, а Хјустон е втор на Западот со 32 победи и 12 порази.

Scroll to Top