Димитрис Јанакопулос, газдата на Панатинаикос, повторно го привлече вниманието на јавноста, овој пат преку низа одговори на прашањата на неговите следбеници на неговиот „Инстаграм“ профил.
Пред решавачкиот петти натпревар од плејофот на Евролигата против Ефес во Атина, Јанакопулос го коментираше потенцијалното финале против Олимпијакос, можноста за враќање на Јоргос Папајанис, но исто така упати остри зборови до раководството на Евролигата.
На прашањето дали би сакал финале против неговиот најголем ривал Олимпијакос, Јанакопулос беше многу јасен.
„Не ми е важно… Сакам да го освоиме тој трофеј!“ Кога станува збор за евентуалното враќање на Јоргос Папајанис во Панатинаикос, грчкиот бизнисмен рече дека одлуката не е негова.
„Лично, воопшто не би го направил тоа, но тие одлуки не се мои… Тренерот одлучува.“
Сепак, се издвојува неговиот остар одговор кога ги спореди поранешниот и сегашниот претседател на Евролигата, Џорди Бертомеу и Дејан Бодирога.
„Нема споредба. Едниот беше гангстер, а другиот едноставно нема моќ.“
За потсетување, Евролигата покрена постапка против Јанакопулос поради неговите коменатри на „Инстаграм“, по четвртиот натпревар меѓу Ефес и Панатинаикос (85:82).