Top Sport

Јанис допрва ќе реши дали ќе игра на СП

Кошаркарот на Милвоки и грчки репрезентативец Јанис Адетокумбо би можел да го пропушти претстојниот Мундијал бидејќи се уште не се рехабилитирал од повредата на коленото, пренесуваат грчките медиуми.

Според овие извори, Адетокумбо пред две недели во САД бил подложен на артроскопија на коленото, поради што размислува да го пропушти претстојниот Мундобаскет. Грчкиот кошаркарски сојуз се уште го чека одговорот од првата ѕвезда дали ќе игра за националниот тим.

Адетокумбо се повреди во април, во првиот натпревар од првото коло од плејофот на Источната конференција против Мајами, кој потоа ги елиминираше Бакс со 4:1 во серијата.

Грчките медиуми пренесуваат дека кошаркарот на Милвоки имал речиси три месеци за опоравување, а до средината на јуни немало индиции дека Адетокумбо имал некакви проблеми со повредата. Тренирал секој ден додека бил во Грција, а имал помали проблеми во коленото, што не претставувале поголем проблем.

Овие извори истакнуваат дека Адетокумбо пред 15 дена во Њујорк бил подложен на артроскопија, а потоа се вратил во Атина каде продолжил со тренинзите. Тој во следните денови ќе соопшти дали ќе игра на Мундијалот.

Грција е во групата Г со Јордан, Нов Зеланд и САД. Мундобаскетот ќе се одржи од 25 август до 10 септември во Јапонија, Индонезија и Филипини.

Scroll to Top