Top Sport

Јанис ги однесе Милвоки до НБА титулата

Кошаркарите на Милвоки Бакс ја освоија титулата во НБА лигата. Во финалето со 4:2 тие го победија тимот на Финикс Санс. Шестиот меч од серијата, во кој блескаше Јанис Адетокумбо, Бакс го добија со 105:98. Ова е втор титула за Милвоки, првата ја освоија во далечната 1971 година, кога тимот го предводеа НБА легендите Лу Алсиндор (Карим Абдул-Џабар) и Оскар Робертсон.

Милвоки и Адетокумбо во направија невозможното, откако ги загубија првите два натпревари во серијата, победија во наредните четири и ја освоија титулата.

Адетокумбо одигра нестварен натпревар, постигна речиси половина од поените на својот тим. Гркот, кој пред осум години беше избран како 15.пик на драфтот, го предводеше тимот со 50 поени. Јанис, имаше речиси беспрекорна реализација од линијата за слободни фрлања, погоди 17 од 19 пенали. Овој процент е неверојатен бидејќи во плеј офот тој реализираше 55,6 отсто од слободните фрлања.

Јанис, го раздвижи тимот, кој во првото полувреме имаше двоцифрен минус. Милвоки успеа да направи пресврт, а потоа во второто полувреме, Гркот со 32 поени, го однесе тимот до титулата.

Двократниот МВП на сезоната, беше прогласен за најкорисен играч во финалето.

Крис Мидлтон за Милвоки постигна 17 поени, поен повеќе од Боби Портис, а Џру Холидеј забележа 12 поени, 11 скокови и девет асистенции.

Кај Финикс потфрли Девин Букер, постигна само 19 поени, со лоша реализација (8/22, тројки 0/7). Најефикасен кај Санс беше Крис Пол со 26 поени, Џеј Краудер забележа 15 поени и 13 скокови.

Scroll to Top