Грција го освои бронзениот медал на 42. Европско првенство во кошарка. Во „малото финале“, во Рига, Грција ја победи Финска со 92:89 (24:15, 24:19, 21:22, 23:33). За Грција ова е прв медал по пауза од 16 години, во 2009 година во Полска исто така оваа репрезентација беше бронзена.
Грците го диктираа темпото речиси во текот на целиот натпревар, иако момците на Ласе Туови пружија добар отпор. Ова особено се почувствува во првото полувреме, но играчите предводени од тренерот Василис Спанулис не ја испуштија двоцифрената предност во третата и речиси во целата четврта четвртина.
Неверојатно е како Грците им дозволија на Финците да се вратата во мечот. Речиси ја подарија победата. Лаури Марканен погоди тројка на 98 секунди до крајот, а потоа тројка погоди и Елијас Волтон за 86:79.
Драмата започна да кулминира кога Оливие Нкаму со тројка намали на 86:82 на 54 секунди пред последниот звук на сирената, но веќе четири секунди подоцна Јанис Адетокунбо постигна 2+1 за 89:82. Марканен повторно погоди тројка и резултатот беше 89:85. Јанис ја загуби топката во нападот на Грците, а потоа Миро Литл беше фаулиран. По слободните фрлања на 20 секунди до крајот на натпреварот, резултатот беше 89:87.
По ова следеше прекршок врз Костас Слукас, кој го промаши второто фрлање и сериозно го загрози сè што градеа Грците.
Како шлаг на тортата дојде прекршокот на Костас Папаниколау за три слободни фрлања. Елиас Валтонен, го промаши последното од трите фрлања, но топката падна во рацете на Јантунен, кој од три метри промаши чист зицер за предност на Финска. Јанис беше највисок во скокот, доби прекршок и не ги промаши фрлањата за победа.
Адетокунбо заврши со 30 поени, 17 скока и шест асистенции за 31 минута на паркетот.
Се истакна и натурализираниот бек на Олимпијакос, Тајлер Дорси, кој беше заслужен за 20 поени – 7/12 од поле и одлични 5/9 од три. Василеос Толиопулос, новото засилување на Панатинаикос, постигна 15 поени.
На Финска не ѝ помогна тоа што имаше дури четири кошаркари со двоцифрен учинок во своите редови. Марканен забележа 19 поени и 10 скока, Валтонен, постигна еден поен помалку, Нкамуа даде 15 поени, а Јантунен уфрли 13 поени.
Foto/ EPA