Top Sport

Јокиќ со трипл-дабл и кош за победа, Вориорс поразени во Портланд (Видео)

Единаесет натпревари се одиграа во НБА лигата изминатата ноќ. Никола Јокиќ со звукот на сирената им ја донесе победата на Денвер против Сакраменто, Бруклин победија во Кливленд по три продолженија, шампионите Голден стејт се поразени од Портланд, а Харден со 42 поени не успе да го спречи поразот на Хјустон од Минесота.

Денвер Нагетс се вратија по негативата од 17 поени и со поените на Јокиќ, на 0,3 секунди до крајот, ги победија Сакраменто 120:118. Српскиот центар мечот го заврши со трипл-дабл од 20 поени, 18 скока и 11 асистенции. Јокиќ го забележа 28 трипл-дабл во кариерата.

Во тимот на Денвер дебитираше Ајзеа Томас. Поради повредата, Томас паузираше од 22 март минатата година. Натпреварот го заврши со осум поени и две асистенции.

Портланд убедливо ги поразија актуелните шампиони Голден стејт 129:107. Играчите на Портланд одиграа беспрекорна последна четвртина која ја добија 35:12.

Демијан Лилард со 29 поени го предводеше Портланд. На спротивната страна по 32 поени постигнаа Кевин Дурент и Стеф Кари.

Бруклин Нетс, по три продолженија, успеаја да победат во Кливленд 148:139. Дианџело Расел ги предводеше Бруклин со 36 поени, 7 скока и 8 асистенции, а на спротивната страна блескаше Џордан Кларксон со рекордни во кариерата 42 поени.

Минесота со тимска игра го неутрализира учинокот на Џејмс Харден и славеа над Хјустон 121:111. Џеф Тиг забележа 27 поени и 12 асистенции, а Карл-Ентони Таунс постигна 25 поени. Харден за Хјустон постигна 42 поени. Ова беше неговиот 31 натпревар во низа на кој што постигнува најмалку 30 поени.

Резултати:

Индијана-Милвоки 97:106
Бостон-Детроит 118:110
Њујорк-Филалделфија 111:126
Торонто-Вашингтон 129:120
Чикаго-Мемфис 122:110
Далас-Мајами 101:112
ЛА Клиперс-Феникс 134:107

Scroll to Top