Манчестер јунајтед е подготвен да го пушти бразилскиот играч од средниот ред Касемиро да го напушти клубот како слободен агент во јуни, ако не успеат да најдат купувач дотогаш, тврди поранешниот скаут Мик Браун, пишува „GiveMeSport“.
Клубот од „Олд Трафорд“ наводно се подготвува за заминувањето на 33-годишникот за помалку од десет месеци, со оглед на тоа што Касемиро нема иднина во долгорочните планови на менаџерот Рубен Аморим.
Бразилецот беше исклучен во победата на Јунајтед од 2:1 над Челзи во саботата поради втор жолт картон, откако претходно го постигна вториот гол за својот тим.
Се шпекулира дека клубовите од Саудиската професионална лига се заинтересирани за искусниот играч од средниот ред веќе долго време и нема да имаат проблем да ја покријат неговата неделна плата од 400 илјади евра.
Според Браун, Манчестер јунајтед би можел да се обиде да го продаде Касемиро пред да му истече договорот во јуни 2026 година, но ако не успеат да го сторат тоа, веројатно ќе го пуштат да си замине без надомест.
„Дојде време Касемиро да си замине. Доколку Манчестер јунајтед добие понуда за него што им одговара, би можеле да одлучат да го продадат, но во спротивно, слушнав дека веројатно ќе му биде дозволено да си замине како слободен играч. На негови години, со парите што ги заработува, нема да има смисла да го задржи. За него имаше интерес од Саудиската професионална лига и мислам дека тоа е веројатно потег што ќе му одговара во оваа фаза“, рече Браун.
Касемиро пристигна во Јунајтед од Реал Мадрид во август 2022 година за 70 милиони евра и досега има одиграно 130 натпревари за клубот, постигнува 18 гола и 12 асистенции. Во својата прва сезона, тој му помогна на клубот да се врати во Лигата на шампионите, натпреварување кое го освои пет пати со Реал Мадрид.
Фото/ Принтскрин