Top Sport

„Кенгурите“ ја прескокнаа Чешка за мундијалско полуфинале со Шпанија

Кошаркарската репрезентација на Австралија е последниот полуфиналист на Мундобаскетот во Кина. „Кенгурите“ предмалку славеа очекуван триумф во четвртфиналето против Чешка со резултат 82-70, со што си закажаа полуфинална пресматка со селекцијата на Шпанија.

По израмнетата прва четвртина која заврши со резултат 17-17, во вториот период Австралијците се мачеа да го направат клучниот исчекор кон обезбедување предност доволна за мирна завршница на мечот, но тоа не им успеа. На полувремето заминаа со +3.

Сепак, она што не им успеа во втората, го сторија во третата четвртина која ја добија со резултат 30-18, со што отпорот на Чесите беше скршен.

Победата на Австралија им одговараше на селекциите на Франција и Шпанија кои се пласираа на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Кај Австралија најпрецизен беше Пети Милс со 24 поени, додека прв стрелец во поразената селекција беше Патрик Ауда со 21 поен.

Во петок на распоредот се полуфиналните дуели меѓу Аргентина и Франција односно Австралија и Шпанија.

Утре во 13 часот е долгоочекуваниот дуел меѓу САД и Србија, но во борбата за пласман од 5. до 8. позиција. Во 15 часот ќе започне вториот меч за пласман, меѓу Полска и Чешка.

Scroll to Top