Плејмејкерот на ЛА Клиперс, Милош Теодосиќ, во интервјуто за „Гласот на Америка“, открил дека по завршувањето на сезоната ќе ја напушти НБА лигата и ќе се врати во Европа.
Теодосиќ, по завршувањето на сезоната 2016/2017 реши да се пресели преку Атлантикот. Тој од ЦСКА Москва замина во ЛА КЛиперс.
Првата сезона во најсилната лига во светот тој ја одигра променливо, поради повредите пропушти 37 натпревари. На одиграните 45 натпревари, Теодосиќ во просек бележел по 9,5 поени, 4,6 асистенции и 2,8 скока.
„Искрено, не можам да се навикнам…но се обидувам. Сега сум целосно здрав, немам никакви проблеми со повредите. Ќе видиме што ќе се случува до крајот на сезоната“, рекол Теодосиќ.
Актуелната сезона е втора за Теодосиќ во НБА лигата, но барем засега тој речиси да не добива шанса од тренерот Док Риверс. Овој 31-годишник во просек игра по десет минути, а бројките зад неговото име се скромни (2,9 поени и 2,2 асистенции во просек по натпревар).
„Сигурен сум дека нема да останам тука. Дојдов, видов како изгледа сето ова…Повеќе уживам и поубаво ми е да играм во Европа. Се враќам во Европа, дали во текот на сезоната или откако ќе заврши ќе видиме“, рекол српскиот репрезентативец.
Соиграч на Теодосиќ во ЛА Клиперс е центарот Бобан Марјановиќ, кој исто така не добива доволно минути на теренот од тренерот Риверс.
„Мислам дека Боби имаше неколку брилијантни партии оваа сезона и мислам дека заслужува повеќе место во таа ротација на кошаркари. Треба да добива повеќе минути. Мислам дека во текото на сезоната ќе игра повеќе“, заклучил Теодосиќ.