Челниците на КК Будуќност не можат да се помират со поразот во финалната серија во АБА-лигата. Во вторникот тие ја загубија „мајсторката“ во Белград, вчера останаа без тренер, откако Јасмин Репеша си поднесе оставка, а сега бараат да биде поништена серијата.
Финалната серија, која мина во знакот на инцидентите и во Подгорица и во Белград, на крајот ѝ припадна на Црвена ѕвезда со 3-2. Во текот на серијата двата тима „војуваа“ со соопштение, а последното стигна од Подгорица, во кое се најавува дека Будуќност ќе бараат измени во пропозициите за натпреварување во АБА-лигата и поништување на финалната серија.
„Новите пропозиции треба да ги елиминира ситуациите во кои играчите ќе размислуваат само за она што треба да го направат на теренот, а не да размислуваат за својата безбедност. Бидејќи на петтиот меч ескалираше расистичкото и националистичко навивање на домашните навивачи, ние сме должни за сите детали да ја информираме и Евролигата“, стои во дел од соопштението на КК Будуќност.