Top Sport

Клиперси се главни во ЛА, Вориорс славеа против Хјустон (Видео)

Божикната програма во НБА лигата донесе неколку интересни натпревари, Клиперси го добија дербито против Лејкерс, додека изненадувачки порази забележаа Хјустон и Денвер.

Клиперс го добија и вториот сезонски дуел со Лејкерс. Во „Стејплс центар“ екипата на Док Риверс забележа победа 111:106. Лејкерс ја имаа предноста во најголемиот дел од натпреварот, меѓутоа лошо ги одиграа последните минути, му дозволија на противникот да надомести минус од седум поени и на крајот да победи.

Кавај Ленард го предводеше Клиперси со 35 поени, 12 скока и 5 асистенции, Монтрезл Херел забележа 18, а Пол Џорџ 17 поени.

Кај Лејкерс Леброн Џемнс беше на скок до трипл-дабл (23 поени, девет скока, 10 асистенции), Кајл Кузма забележа 25, а Ентон Дејвис 24 поени.

Големо изненадување направија Голде стејт Вориорс со победата над Хјустон Рокетс 116:104. Вориорс против фаворитите ја забележаа осмата победа во сезоната. Вориорс успеаја да го запрат првиот стрелец во лигата Џејмс Харден кој постигна за негови стандарди скромни 24 поени. Хјустон го предводеше Расел Вестбрук со 30 поени и 12 скока.

Кај Вориорс се истакнаа Демион Ли со 22 поени и 15 скока, односно Дианџело Расел и Дрејмонд Грин со по 20 поени.

Шокантен пораз во „Пепси центар“ во Денвер доживеаја Нагетси од Њу Орлеанс Пеликанс. Пеликаните ја прекинаа серијата порази благодарение на Брендон Инграм кој постигна 31 поен. Кај Денвер се истакна Никола Јокиќ со 23 поени и 10 скока.

Scroll to Top