Кошаркарот на Гостивар, Јовица Трпевски (25), е меѓу 14. загинати во несреќата што синоќа се случи на автопатот Скопје-Тетово. Во страотната автобуска несреќа повеќе од 30 патници се повредени. Поради несреќата управата на кошаркарскиот клуб Гостивар побара завршницата на Купот на Македонија да биде одложена.
Завршниот турнир на Македонија ќе се игра од утре до недела во Гевгелија. Според распоредот четврт-финалниот натпревар на Гостивар со Фени индустри е последен на програмата (утре 20 часот).
„Поради трагичната несреќа која го погоди нашиот град. Кошаркарскиот клуб Гостивар најдлабоко жали за огромниот број сограѓани кои ги изгубија своите животи и сочувствуваме со нивните семејства, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување.
Ја информираме јавноста и МКФ дека, КК Гостивар не е во состојба да учествува на претстојниот Куп на Македонија и бараме безусловно одлагање на истиот.
Во трагичниот настан, животот го загуби и нашиот играч Јовица Трпевски, ги одлагаме сите натпревари од Втората и младинските лиги закажани за викендов“, се вели во соопштението на КК Гостивар.
На потег сега е Кошаркарската федерација на Македонија, бидејќи четврток и петок се прогласени за денови на жалост во државата.