Кошаркарската репрезентација на Македонија ја забележа втората победа во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година. Вечерва, во СЦ „Јане Сандански“ Македонија ја победи Швајцарија 83:68 (18:12, 20:24, 28:15, 17:17).
Иако најавите пред дуелот беа дека Швајцарија не смее да биде потценета, она што се случуваше во првиот дел на дуелот го покажа спротивното. Македонија не играше добро, доказ за тоа е предноста 6:11 на Швајцарија по пет минути, потоа серија на Македонија од 8:0 и крај на четвртината со 18:12.
Но она што го заслужија во првата, избраниците на Давитков, лесно го загубија во втората четвртина, по низата на Швајцарците од 11 поени и нова нивна предност од пет поени (23:28).
На полувреме Македоија сепак имаше предност, минимална 38:36.
Клучна за мечот беше третата четвртина, поточно втората половина, кога до израз дојде разликата во квалитетот. По 30 минути игра „жолтите“ има 15 поени предност, а потоа рутински ги одработија последните 10 минути.
Ричард Хендрикс ја предводеше Македонија со 16 поени, 9 скока и по 3 асистенции и блокади. Двоцифрен кош ефект имаа уште и Стајиќ (11 поени), Ѓуровски (11 поени) и Дамјан Стојановски (10 поени, 7 скока).
Швајцарија ја предводеше најефикасниот играч на мечот Млаѓан кој реализираше 23 поени.
Наредниот натпревар Македонија ќе го одигра на 25.февруари наредната година кога во Скопје ќе гостува Словачка.
Фото: МКФ