Top Sport

ЛА Клиперс се вратија од -31 и ги победија Голден стејт (Видео)

ЛА Клиперс го израмнија резултатот во серијата против Голден стејт Вориорс на 1:1, откако напрвија неверојатен пресврт, надоместија негатива од 31 поени и победија 135:131.

Голден стејт Вориорс го „газеа“ противникот 30 минути. Актуелните шампиони имаа предност 94:63 и во тие моменти никој во „Оракл“ арена не помислуваше дека гостите од Лос Анџелес можат да се вратат во мечот.

Тие не само што се вратија туку и режираа еден од најголемите пресврти во историјата на плејофот. Клиперс пресвртот го најавија со серијата 11:0, а на 5:34 минути до крајот Вориорс имаа само три поени предност (120:117).

Во последните 16 секунди Лу Вилијамс со тројка и Монтрезл Херел од линијата за слободни фрлања ставија точка на неверојатниот пресврт.

Вилијамс ги предводеше Клиперс со 36 поени и 11 асистенции, Херел забележа 25 поени и 10 скока, Данило Галинари постигна 24 поени.

Кај Вориорс Стеф Кари уфрли 29 поени, Кевин Дурент постигна 21 поен, а Клеј Томпсон 17.

Scroll to Top