Контроверзниот Лавар Бол ќе биде помошник тренер на литванскиот тим Витуатас во пријателски меч против Џукија, додека во тимот се неговите синови Лианџело и Ламело, предизвикувајќи бурни реакции во Литванија.
Бол, кој е татко на тројца кошаркари (вклучувајќи го играчот на Лос Анџелес лејкерс, Лонзо Бол), ќе помага во меч кој е дел од „Биг болер челенџ“, серија мечеви организирани за неговите синови да добијат повеќе шанса да играат против други тинејџери, но нема да се смета во литванската лига.
Тренерот на Витаутас, Виргинијус Сескус вели дека не постои проблем.
„Лавар сака да играме бргу и има доста идеи во одбраната. Ќе бидеме еднакви тренери, но само за пријателскиот меч. Зошто да не му дозволиме? Се работи за пријателски меч и на крајот сите ќе заборават на тоа“, изјави Сескус.
Бол, кој претходно беше критикуван поради мешањето во тренерската работа во Лос Анџелес лејкерс барајќи повеќе минути за неговиот син Лонзо, кого го нарече „подобар од Стеф Кари“, исто така има изјавено дека би го победил Мајкл Џордан во кошарка еден-на-еден.