Во вечерта кога НФЛ ѕвездата Том Брејди на 44 години по седми пат го освои шампионскиот прстен и по петти пат го подигна пехарот за МВП на финалето, „кралот“ во НБА лигата – Леброн Џејмс со нов трипл-дабл ја „спакува“ Оклахома Сити. Џејмс во победата на „Езерџиите“ учествуваше со 28 поени, 14 скока и 12 асистенции.
Во САД веќе започнаа да се прават паралели меѓу двајцата големи спортисти. Го прашаа Леброн, кој ја игра 18-тата НБА сезона, кога мисли да се повлече од кошарката?
„Не знам уште колку долго ќе играм! Не знам уште колку можам да и дадам на професионалната кошарка, но ако се земе предвид како се чувствувам во оваа фаза, ќе видиме. Немам точен временски распоред за ова прашање. Самата игра ќе ми даде до знаење кога дошло времето за крај“ изјави Леброн Џејмс кој во септември лани, со 35 години и 284 дена стана вториот највозрасен играч, по Карим Абдул Џабар, кој по четврти пат стигнал до МВП признанието.