Ноќта во НБА лигата, во која ЛА Лејкерси победија во Бруклин, ја обележаа неверојатни резултати и неколку брилијантни индивидуални партии.
Лејкерси во Бруклин победија со 106:96. Леброн Џејмс со 33, односно Малик Монк со 22 поени ги предводеа „езерџиите“ до 24.победа во сезоната. На спротивната страна Џејмс Харден забележа трил-дабл од 33 поени, 12 скокови и 11 асистеции.
Џејсон Тејтум постигна 36, а Џејлен Браун 30 поени во триумфот на Бостон со 53 разлика против Сакраменто. Селктис славеа победа 128:75.
ЛА Клиперс, во Вашингтон, направија сензационален пресврт, губеа на полувремето со 35 поени, на крајот славеа со тројката на Лук Кенард на две секунди до крајот. Бекот на Клиперс погоди и избори дополнително слободно фрлање за конечни 116:115. Амир Кофи ги предводеше Клиперси со 29 поени, херојот Кенард постигна 25.
Дербито на Западот, Голден стејт-Далас, убедливо им припадна на Вориорс. Екипата од Сан Франциско славеше победа 130:92. Седум играчи на Вориорс постигнаа двоцифрен број на поени. Најефикасен беше Џонатан Куминга со 22, Стеф Кари постигна 18, српскиот репрезентативец Немања Бјелица забележа 10 поени и 10 скокови.
Кај Далас играше само Лука Дончиќ. Словенецот заврши со 25 поени и осум скока.
Минесота победи во Портланд 109:107, со тројката која на три секунди до крајот ја постигна Дианџело Расел. Минесота ја предводеше Ентони Едвардс со 40 поени. Кај Портланд се истакна Босанецот Јусуф Нуркиќ со 20 поени и 14 скокови.