Изминатата ноќ екипите на Хјустон Рокетс, Милвоки Бакс и Бостон Селтикс ја искористија уште еднаш предноста на домашниот терен и против своите опоненти поведоа со 2:0 во плеј оф сериите.
Хјустон со Џејмс Харден уште еднаш ги декласираа Јута Џез. Вториот меч „ракетите“ го добија со 118:98. Харден забележа трипл-дабл (32 поени, 13 скока, 10 асистенции), а по 17 поени постигнаа Такер и Крис Пол.
Милвоки Бакс, третата четвртина против Детроит Пистонс ја добија 35:17, што им беше доволно за убедлив триумф 120:99.
Кај победниците се издвоија тројца играчи Ерик Бледсо (27 поени) (27 поени), Јанис Адетокумбо (26 поени, 12 скока) и Крис Мидлтон (24 поени). Во отсуство на Блејк Грифин, Детроит го предводеше Андре Драмонд со 18 поени и 16 скока.
Неизвеснот имаше само на мечот помеѓу Бостон Селтикс и Индјана Пејсерс. Гостите од Индијанаполис на почетокот на последната четвртина водеа со 11 поени, кога на сцената стапи Кајри Ирвинг, Селтикс четвртината ја добија со 31:12, а мечот со 99:91.
Ирвинг заврши со 37 поени, 6 скока и 7 асистенции, а 26 поени постигна Џејсон Тејтум. Хрватскиот репрезентативец Бојан Богдановиќ запиша 23 поени и 8 скока за Индијана.