Кошаркарските репрезентации на Литванија и Црна Гора со победи се простија од Мундобаскетот во Кина. Литванија со 74:55 ја победија Доминиканската република, додека Црна Гора славеше над Јапонија 85:60.
Литваницте во конечниот пласман на СП ќе бидат пласирани од 9 до 12 место. До победата против Доминикана ги предводеа Јонас Валанчунас и Лукас Лекавичиус со по 19 поени. Најефикасен Доминиканец беше Ригоберто Мендоса со 14 поени.
Црногорците запишаа историска победа над Јапонија. Дебитантите по четирите порази го запишаа првиот триумф на Светското првенство.
Центарот на Орландо Меџик Никола Вучевиќ забележа 18 поени и седум скока, 12 коша уфрли Никола Јовановиќ, а по 10 поени постигнаа Милко Бјелица и Бојан Дубљевиќ.
На спротивната страна брилијантно одигра кошаркарот на Мемфис Гризлис, Јута Ватанабе (34 поени, девет скока).
Црна Гора со оваа победа избори пласман од 21 до 24 место на Светското првенство.