Плејмејкерот на Макаби и шпанскиот национален тим Лоренцо Браун на социјалните мрежи објави дека нема да игра за Шпанија на претстојното Светско првенство. Американецот беше клучниот играч во шпанската репрезентација, која го освои златниот медал на Европското првенство.
Кога Шпанија објави дека ќе има натурализиран играч во репрезентацијата, предизвика бура од реакции, бидејќи Сојузот реши да ангажира странец на позиција каде што има грст играчи. На крајот златото на ЕП покажа дека Скариоло бил во право кога го бараше Браун да добие шпански пасош.
Сега Лоренцо Браун нема да игра за Шпанија. Тој на социјалните мрежи порача дека мора да ја санира повредата.
„На Евробаскетот заработив повреда и никогаш не ја санирав и морав веднаш да влезам во сезоната во Евролигата. Разговарав со тројца различни лекари и ми рекоа дека ми треба одмор и рехабилитација за да се вратам на 100 проценти. Се надевам дека ќе ја имам честа да ја претставувам Шпанија на Олимпијадата. Благодарен сум на шпанската федерација и тренерот Скариоло, на моите соиграчи и најважно на навивачите што ме прифатија“, напиша Браун.