Мајами Хит по пауза од шест години повторно ќе се борат за шампионскиот прстен во НБА лигата. Мајами го освоија Истокот откако во финалната серија го победија Бостон со 4:2. Во шестиот меч „жешките“ славеа со 125:113.
Мајами мечот го отворија со серија 6:0, таа предност ја имаа на крајот од првиот период и ја одржуваа се до финишот на полувремето, кога Тјтум и Вокер иницираа серија 8:0 за Бостон, меѓутоа Мајами благодарени на Адебајо и Драгиќ на полувреме заминаа со предност од два поени.
Третата четвртина беше максимално израмнета, а со поените на Драгиќ Мајами во решавачкиот период влегоа со поен преднотс.
На стартот од последната четвртина Бостон со серијата 10:2 дојде до предност од шест поени. Тајлер Хиро иницираше пресврт, а после тројката на Тејтум Бостон имаа 100:98 што беше последно водство за нив на натпреварот. Мајами со серија 12:0 на две минути до крајот стекнаа недостижна предност.
Адебајо го предводеше Мајами со 32 поени, 14 скокови и 5 асистенции. Играчот на мечот го следеа Џими Батлер со 22 поени и 8 асистенции, Тајлер Хиро со 19 поени, 5 скока и 7 асистенции и Горан Драгиќ со 13 поени и 7 асистенции.
На спротивната страна Џејлен Браун забележа 26 поени и 8 скока, Џејсон Тејтум 24 поени, 7 скока и 11 асистенции, а по 20 поени постигнаа Маркус Смарт и Кемба Вокер.
Мајами во финалето ќе играат против ЛА Лејкерс, првиот меч од серијата на програмата е во среда во 3 часот.