Top Sport

Марјан Илиевски ја презеде кошаркарската репрезентација на Македонија

Извор/ kfsm.mk

Марјан Илиевски, поранешен тренер на Пелистер, Приштина, Блокотехна, Кожув и Лирија, на денешната прес-конференција, одржана во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, официјално е промовиран во нов селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.

Инаку, 49. годишниот стручњак, во својата играчка кариера бил играч на голем број на македонски клубови како Неметали Огражден, Куманово, МЗТ Скопје, Никол Ферт.

Првиот официјален натпревар за него и за неговите соработници, меѓу кои се поранешниот тренер на МЗТ Скопје Аеродром и помошник во повеќе европски гиганти, Боби Митев, Борче Даскаловски, некогашен предводник на Карпош Соколи и на МЗТ Скопје Уни Банка, скопски Вардар, и Мирко Петрески, кој во минатото беше селектор на младинската селекција, а изминативе години беше помошник во турскиот тим Бурса, ќе биде на големиот национален празник – Илинден.

Новиот селектор на македонската репрезентација Марјан Илиевски е свесен дека го очекува тешка работа на функцијата.

Националниот тим немаше добри резултати во претходниот период, а дополнителен проблем е тајмингот во кој се играат натпреварите од претквалификациите за Светското првенство што ќе биде прва задача за Илиевски. Голем дел од кошаркарите во август се на одмор, но најважно е тоа што подготовките треба да почнат во јули.

„Му благодарам на раководството на Кошаркарската федерација за честа да бидам на оваа позиција на која сум сега. Им благодарам и на моите соработници за поддршката и очекувам максимален ангажман од нив.

Неблагодарно е да зборувам за моменталната состојба, сега ќе правиме планови за иднината. Треба сите заедно да се вклучиме во работата на репрезентацијата, како ние, така и клубовите и медиумите. Потребно е да разговараме за кошарката и репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата во нашиот спорт. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите бидејќи тие се неоходен дел од оваа операција.

Стартната позиција на која се наоѓаме е тоа дека дел од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив и да ги поставиме работите на своето место. Дури тогаш ќе знаеме со каков ростер ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготвки (10 јули) е многу доцна, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ни од натурализираните играчи немаме потврда, за Шортс уште трае сезоната. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите“ – рече Илиевски.

На 2. август, на почетокот на втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година, на свој терен, ќе ја пречекаме репрезентацијата на Романија. Во овој дел од ФИБА календарот, во текот на август, нашата најдобра селекција ќе одигра вкупно четири натпревари од групата „Б“ во која е уште и селекцијата на Унгарија.

Двете најдобри селекции од групата ќе обезбедат место во квалификацискиот систем додека последнопласираниот тим ќе падне уште подолу, па ќе мора да игра во првиот претквалификациски круг за место на Европското Првенство во 2029 година.

Scroll to Top