Top Sport

Матеуш Понитка не сака неговиот брат Марсел да биде во репрезентацијата

Матеуш Понитка јасно и гласно му стави до знаење на полскиот селектор дека нема намера да помине ни минута на теренот со својот брат Марсел.

Вистински скандал се случи во репрезентацијата на Полска пред Евробаскетот. Најдобриот играч Матеуш ќе се повлече од националниот тим доколку во него биде неговиот помлад брат Марсел.

Токму Марсел го изнесе проблемот во јавноста со зборовите дека неговиот брат прави се за да го исфрли од тимот.

„Матеуш не ме прифаќа во тимот, не гледа шанса да соработува со мене во репрезентацијата. Ако има проблем со мене, нека ми се јави да го решиме тоа како мажи“, изјави Марсел.

Капитенот на полската репрезентација, Матеуш Понитка, истакна дека нема никаков контакт со семејството и дека решил да се раздели од братот и родителите на 19. годишна возраст. Сепак, не сакаат да го остават на мира.

„Марсел и неговите родители постојано се претставуваат како жртви. Независен живот започнав на 19 години, оттогаш моите родители, на кои им се придружи Марсел, постојано ја навредуват мојата сопруга“, вели Матеуш Понитка.

Сепак, едно е точно, навистина, Матеуш Понитка изјави дека нема намера да игра во ист тим со својот брат и остана на тоа. Селекторот на Полска, Игор Миличиќ, ќе треба да избере меѓу двајцата.

„Во овој момент нема шанси да го решиме конфликтот и не можам да замислам да играме во ист тим. Доколку селекторот одлучи дека Марсел е покорисен од мене, со задоволство ќе му го препуштам моето место“, заклучи постариот од браќата Понитка.

Scroll to Top