Top Sport

Минесота победи во Далас, Јокиќ го освои Мајами, Лилард ги растури Лејкерси

Денвер Нагетс ја запишаа 40. победа во сезоната, Демијан Лилард и Портланд лесно се справија со ЛА Лејкерс, а Далас го забележа вториот пораз, во вториот меч кога заедно на теренот беа Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг.

Кошаркарите на Денвер победија во Мајами со 112:108, со што ја прекинаа серијата од осум последователни домашни победи на тимот од Флорида.

Денвер постојано беше во водство од раната фаза на третата четвртина, што не го испушти до крајот и со тоа ја забележа 40-та сезонска победа.

Дабл-дабл учинок во победничкиот тим оствари Никола Јокиќ со 27 поени и 12 скока, а српскиот центар забележа осум асистенции. Мајкл Портер Џуниор постигна 17 поени, со шест скока, додека поен помалку имаше Брус Браун.

За Денвер поради повреди не играа Џамал Мареј и Арон Гордон.

На Џими Батлер му недостигаше една асистенција за трипл-дабл за домашниот тим (24 поени, 10 скока и девет асистенции).

Макс Струс додаде 23 поени, со седум скока, а Бем Адебајо постигна 19 поени.

Минесота славеше победа во Далас 124:121.

Далас губеа со 26 разлика, на крајот стигнаа до минус два, имаа шанса да изборат продолженија во последниот напад, но Ирвинг погреши и „волците“ заслужено славеа.

Ирвинг одигра нестварно во последната четвртина, во која постигна 28 од своите 36 поени, Дончиќ забележа 32 поени и 12 скока, Кристијан Вуд веднаш ги следеше со 24 поени.

Минесота ја предводеа Ентони Едвардс со 32 и Руди Гобер со 21 поен и 14 скока.

Демијан Лилард со 40 поени ги растури Лејкерси и му донесе вредна победа на Портланд во битката за плеј-офот во НБА. Леброн Џејмс не играше за Лејкерси, најефикасни кај „езерџиите“ беа Малик Бисли со 22 поени и Дејвис со 19 поени и 20 скока.

Кошаркарите на Портланд во првото полувреме постигнаа 17 тројки (рекорд на франшизата), а мечот го завршија со 23 постигнати тројки.

Резултати:

Шарлот – Атланта 144:138
Кливленд – Сан Антонио 117:109
Индијана – Јута 117:123
Филаделфија – Хјустон 123:104
Мајами – Денвер 108:112
Њујорк – Бруклин 124:106
Чикаго – Орландо 91:100
Оклахома – Њу Орлеанс 100:103
Далас – Минесота 121:124
Голден стејт – Вашингтон 135:126
Портланд – ЛА Лејкерс 127:115

Scroll to Top