Никола Миротиќ по пет години во НБА лигата се враќа во Европа. Црногорецот со шпански пасош потпиша три годишен договор со Барселона, со можност истиот да биде продолжен на уште една година, објави клубот.
Миротиќ е роден во Подгорица, но игра за шпанската репрезентација, сезонава играше за два тима во НБА, Њу Орлеанс Пеликанс и Милвоки Бакс, откако претходно од 2014 до 2018 година го носеше дресот на Чикаго Булс.
Во НБА лигата тој одиграл 319 натпревари на кои во просек бележел 12,3 поени и 6 скока.
Финансиските детали од договорот не се објавени, но јасно е дека тој ќе го има најголемиот договор во Европа. Миротиќ се решил на ваков чекор бидејќи сакал мир и стабилност за своето семејство.
Миротиќ годишно ќе зарабоува по четири милиони евра, што е повеќе од она што го заработуваат неколкумина фудбалери на Барселона (Умтити, Ленгле, Семедо, Серхио Роберто).
Информацијата дека тој ќе игра во Барселона нема да им „легне“ на навивачите на Реал чии дрес го носеше од 2008 до 2014 година.
Барселона наредната сезона ќе биде првиот кандидат за титулата во Евролигата. Покрај Миротоќ во клубот пристигнаа Брендон Дејвис и Кори Хигинс, а договорите ги продолжија Тома Ертел и Адам Ханга.
Се шпекулира дека Барселона сака да врати во клубот уште двајца играчи од НБА лигата, ветеранот Пау Гасол и Алекс Абринес.