Македонската кошаркарска федерација (МКФ) одлучи завршницата во Купот и оваа година да ја организира во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Завршниот турнир во Купот на Македонија ќе се игра од 16. до 18.февруари, а учество ќе земат првите осум тима на табелата во домашниот шампионат.
МКФ за ова издание на Купот реши да не биде извршена ждрепка, туку двојките да го одреди според пласманот на тимовите на табелата (1-8, 2-7, 3-6, 4-5).
Според пласманот на табелата по 11.кола двојките за четвртфиналето се следни: Работнички-Карпош Соколи, Блокотехна-АБ Охрид, МЗТ-Фени индустри и Куманово-Гостивар.
Во првото полуфинале ќе играат победниците од дуелите Работнички-Карпош Соколи и Куманово-Гостивар, а во второто победниците од четвртфиналните дуели помеѓу МЗТ-Фени индустри и Блокотехна-АВ Охрид.
Во женската прволигашка конкуренција ќе разигруваат четирите прворангирани екипи по истиот систем. Бадел 1862 во првото полуфинале ќе се надигрува со Струга 2009 додека во второто полуфинале ќе се пресметаат Вардар и Пелистер за место во финалето.