Кошаркарите на Морнар од Бар ја прекинаа децениската доминација на Будуќност во Црна Гора, ја освоија шампионската титула, со што на најдобар начин ја заокружија најдобрата сезона во историјата на клубот. Морнар претходно, во АБА лигата, играше во полу-финалето на плеј-офот.
Морнар со 3-1 во победи ја доби финалната серија против Будуќност, екипа што пред два месеци ја освои регионалната АБА лига и избори пласман во Евролигата.
Кошаркарите од Бар триумфот го најавија уште во првата четвртина, кога стекнаа девет поени предност. На полувреме разлика беше двоцифрена (39:29), а во вториот дел Будуќност речиси и да не постоеше на теренот, поради што Морнар без многу проблеми ја одржуваше разликата и на крајот заслужено победи.
Американецот Нидам со 15 и Мичивиќ со 14 поени го предводеа Морнар до победата во четвртиот натпревар.
Морнар со овој триумф ја прекина 11-годишната доминација на Будуќност во црногорскиот шампионат. Тимот од Подгорица доминираше од осамостојувањето на Црна Гора.