МЗТ Скопје стигна до третата победа во четвртиот меч во регионалната АБА втора лига, откако по продолженија со 100:90 (19:24, 24:21, 16:19, 20:15, 21:11) го совлада црногорскиот клуб Ловќен од Цетиње.
За разлика од претходното коло, кога во продолженијата загубија од словенечка Приморска, овојпат „металците“ беа концентрирани во финишот за импресивна победа со која се на второто место во лигата, зад засега непоразениот КК Сплит.
Лестер Медфорд беше најрасположен кај „металците“, постигнувајќи 24 поени, 5 скока и 4 асистенции, додека Џејмс Вудард додаде 17. Над 10 поени имаа и Младеновски (14), Иванов (13) и Бојиќ (12). Кај гостите блескаше Алекса Поповиќ со 33 поени.
Фото: АБА-лига