МЗТ Скопје Аеродром потврди дека хрватскиот интернационалец Доминик Мавра е нов член на шесткратниот македонски шампион. Мавра се враќа во Скопје, каде што до лани беше член на тимот на Карпош Соколи, пред трансферот во шпанскиот Хувентуд.
Хрватот беше најзаслужен за пехарот во Купот на Македонија на Карпош Соколи, за што беше избран за МВП на завршницата во ова натпреварување минатата сезона. Кариерата ја почна во Загреб, а досега има играно уште и за Сплит, Цибона и полскиот тим МКС Даброво. Летово беше на поширокиот список на репрезентацијата на Хрватска за настап на ЕП 2017, а има златни медали од јуниорско и кадетско европско првенство во дресот на „коцкестите“.
Неговото пристигнување во Скопје се очекува утре, а ако сѐ биде како што треба, Мавра ќе дебитира во сино-белиот дрес на неделниот дуел против Мега Бемакс во рамки на 7. коло од АБА-лигата.