Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва (18 часот) му гостуваат на Сплит и немаат друг избор освен со победа да ги продолжат надежите за опстанок во АБА.
Македонскиот првак во моментов има ефект од пет победи и 19 порази, односно една победа помалку од Борац Чачак, кој во ова коло е аутсајдер против Црвена звезда. Ако МЗТ Скопје Аеродром победи на „Грипе“ против Сплит, тогаш неизвеноста ќе продолжи и во последното коло од регуларниот дел. Тогаш МЗТ ќе игра против Цибона дома, а Борац ќе има тешко гостување кај Будуќност.
„Сите во тимот сме свесни за важноста на гостувањето кај Сплит. Немаме право на ниту еден кикс до крајот, па затоа сме подготвени да изгинеме на паркетот да дојдеме до посакуваната цел. Со добра енергија и борбена игра ќе може да славиме во славното ‘Грипе’“, изјави Војдан Стојановски.
МЗТ Скопје на овој меч ќе го предводи помошник-тренерот Васко Атанасов, со оглед дека Драган Николиќ остана во Скопје бидејќи беше позитивен на коронавирусот.