Top Sport

МЗТ Скопје бара изненадување против Задар

МЗТ Скопје Аеродром е на дното во АБА-лигата, но се надева дека може да се крене и да оствари добар резултат против Задар, откако во минатото коло загуби од Борац на домашен терен. Избраниците на тренерот Александар Петровиќ вечерва (20 часот) играат против Задар на гостински терен.

Повратникот Дастин Вер треба да биде освежување во составот.

„Задар е екипа која игра брзо, со многу трчање и ќе пробаме да ја спречиме нивната транзиција, како и нивниот најдобар кошаркар, Лука Божиќ. Ќе имаме нов кошаркар во ротација, Кефи ќе добие помош на плејмејкерската позиција, што секако ќе ни донесе повеќе опции. Здравствениот билтен е добар, атмосферата не е лоша без разлика на поразот на домашен терен минатиот викенд и сигурен сум дека со максимална борбеност и желба за успех ќе сториме сѐ за да го изненадиме силниот домаќин“, изјави тренерот Петровиќ.

Адем Мекиќ истакна дека кошаркарите се силно мотивирани за успех.

„Против нас ќе имаме физички многу силен тим, кој игра со голема самодоверба, што се гледа и преку огромниот број на победи, меѓу кои е и онаа против евролигашот Ц.Звезда. Го предводи еден од најдоминантните кошаркари во сезоната Лука Божиќ. За нас ќе биде клучно да бидеме во чекор со нивната транзиција и скок-игра. Задар има добри резултати, но тоа не значи дека се непобедливи. Претходните две гостувања ги загубивме со „една топка“, па се надевам дека ќе имаме повеќе среќа во финалето од овој дуел“, изјави Адем Мекиќ.

Scroll to Top