Кошаркарите на МЗТ со победа ја завршија сезоната во АБА 2 лигата. МЗТ, во вториот четврт-финален натпревар, забележа победа над Младост од Земун со 92:86. Победата не беше доволна за да се анулира предноста од 75:95, која ја стекна Младост по првиот меч.
Надежите на МЗТ, дека ќе можат да направат сензација и да ја надополнат негативата од 20 поени, пропаднаа по првите 10 минути во реваншот, по кои Младост стекна предност од 11 поени (20:31).
МЗТ се вратија во мечот во вториот период со 26:14 и на полувреме имаа водство 47:43.
Во второто полувреме, МЗТ најчесто ја имаше предноста, но таа се движеше од два до пет поени. Младост успешно го контролираа натпреварот, не дозволувајќи им на своите противници да направат некоја посеризна серија.
Гравет и Карачиќ, односно Олуџоби со 17 поени беа најефикасни кај МЗТ. Олуџоби имаше девет, а Карачиќ осум скока.
Кај Младост Гумболт постигна 14 поени, а дури петмина играчи забележаа по 10 поени.