Top Sport

Наумоски доби поддршка, останува лидер на македонската кошарка

Петар Наумоски ја доби довербата и останува претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), и покрај најавите дека се подготвува смена.

На вонредниот конгрес на МКФ, поранешната кошаркарска ѕвезда доби 16 гласа за, додека неговиот против-кандидат, уште една кошаркарска легенда на Македонија, Владо Илиевски доби 14 гласа.

„Пред сè јас би сакал да им изразам голема благодарност на сите поддржувачи. Во изминатиот период кажав дека желбата за промена не е на клубовите, туку на индивидуи кои ги собираа и лобираа клубовите да дојдеме до нешто што јас сметам дека воопшто не ни беше потребно. Пред само 12 месеци повторно гласавме доверба, доколку во тие 12 месеци имаше нешто драстично променето тогаш имаше очекувања да дојде до такво нешто. Но, знаеме дека немаше такви турбуленции, немаше проблеми во лигата, исто и со репрезентациите. Во изминатите две години ние повеќе се занимаваме со избори отколку со кошарка. Со тоа се руши имиџот на самата федерација. Затоа беше предложена точка на дневниот ред, која се изгласа, за да раководството биде ослободено две години од вакви сценарија. Еве за самата поддршка во спортот морам да истакнам и да се заблагодарам за историскиот состанок со Премиерот, неколку министри и градоначалници кои потенцираа дека спортот мора да биде поддржуван од државата ако сакаме професионализам во спортот“, изјави Наумоски по завршување на собранието.

Scroll to Top