Жестока тепачка се случила доцна синоќа во Берлин, меѓу навивачи на Олимпијакос и Панатинаикос. Како што јавија грчките и германските медиуми, има повредени, а полицијата морала да ги повика пожарникарите на помош.
Официјално пријавени се 12 повредени, од кои двајца се тешко, а едно лице е во критична состојба, јавува „Баскет њуз“.
Во пресрет на фајналфорот на Евролигата, навивачите на две грчки екипи се судрија на неколку локации во Берлин, но најсериозниот судир се случи околу 23 часот во Пренцлауер Берг, во близина на метро-станицата.
Како што пишуваат медиумите, не требало многу време за вербалниот конфликт да прерасне во физичка пресметка која полицијата едвај ја ставила под контрола. И тоа дури кога на помош пристигнала противпожарната бригада. На лице место биле и неколку возила на Итната медицинска помош.
Како што се наведува во официјалното соопштение на пожарникарите, повредени се 12 лица, од кои две потешко, додека едно лице е во критична состојба.
Во тепачката учествувале околу 60 луѓе. Полицијата констатирала и дека некои од нив користеле бејзбол палки.
Грчките медиуми јавуваат дека во недела во Берлин ќе дојдат околу 5.000 навивачи.
„Ќе ги има 10.000, ќе ја претворат Убер Арена во ОАКА“, рече Ергин Атаман тренерот на Панатинаикос.
Во исто време, во Берлин се уште има голем број навивачи на Олимпијакос и покрај поразот од нивниот тим во полуфиналето.
Од 17:00 часот на програмата е натпреварот за третото место меѓу Олимпијакос и Фенербахче. Финалето на фајнл-форот е закажано за 20 часот и во него ќе се сретнат Панатинаикос и Реал Мадрид.